Избраната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, ја одобри кандидатурата на унгарскиот кандидат за еврокомесар, Оливер Вархелји, како и на Французинот, Тиери Бретон, потврди портпаролката на Европската Комисија, Мина Андреева.
Вархелји и Бретон беа предложени од нивните влади откако првите предлози од Унгарија и Франција беа одбиени од страна на Европскиот Парламент поради конфликт на интереси. Третата одбиена кандидатка од Романија за сега не добила заменичка поради политичката криза во оваа земја.
Андреева не можеше да потврди дали Унгарецот Вархелји сепак ќе го добие портфолиото “проширување“ како што беше планирано првично за првиот унгарски кандидат, Ласло Трочањи.
Претседателката Урсула фон дер Лејн чека да види кого ќе номинира романската Влада и со какво знаење и искуство ќе биде кандидатот пред да одлучи кое портфолио кому ќе му биде доделено. Две портфолија остануваат непополнети: проширување и транспорт.
За францускиот кандидат, пак, потврдено е дека ќе го добие истиот ресор, внатрешен пазар, посочи Андреева.
Кандидатурите сега треба прво да ги одобри Советот на ЕУ, по што тројцата ќе бидат сослушани двапати од Европскиот Парламент, еднаш за конфликт на интереси во комисијата за правни работи, а потоа од парламентарната комисија релевантна на нивниот сектор.
За сега е нејасно дали британската Влада, исто така, ќе номинира свој комесар.
Новиот состав на Европската Комисија требаше да почне со работа на први ноември, стартот е одложен и засега неизвесно до кога.