Амбасадорот на Европската унија во Косово, Томас Шинјог информира дека ЕУ ја завршила експертизата на Граѓанскиот законик, со кој, меѓу другото, се дозволува формирање заедници на лица од ист пол, и го повика косовското Собрание истиот да го усвои што поскоро, јави дописникот на МИА од Приштина.
Шинјог преку својата страница на Твитер порача дека новиот цивилен код на Косово им гарантира заштита на правата на сите луѓе во државата, согласно вредностите на ЕУ.
– Денеска го одбележувме комплетирањето на поддршката од ЕУ за развојот на драфтот на Цивилниот код. Горд сум што имаме драфт-код кој ги обезбедува правата на сите луѓе во Косово, согласно вредностите на ЕУ. Ги повикувам пратениците да го усвојат Кодот и да ја реафирмираат поддршката на ЕУ за негова имплементација, напиша Шинјог.
На 16 март годинава во Собранието на Косово беше отфрлен предлогот на владата на Албин Курти за Граѓански законик. Против законикот гласаа 29 пратеници од владејачкото Движење самоопределување (ВВ) – 28 беа „за“ и четворица „воздржани“ – и покрај апелот на партискиот лидер, премиерот Курти, и на министерката за правда, Албулена Хаџиу законот да се усвои.
Повикувајќи ги пратениците да го поддржат владиниот предлог, Курти изјави дека со него не се легализираат истополовите бракови, туку само се дозоволува соживот на лицата од ЛГБТИ заедницата.
Опозицијата го бојкотира гласањето, порачувајќи дека очекува владејачката партија и нејзините коалициони партнери да ги обезбедат потребните гласови за поддршка на предлогот на Владата.