Република Македонија доцни со имплементација на законите што ја регулираат областа на следење на комуникациите, констатирано било денеска на работна средба на експертите од ЕУ и ЕК со членови на Комисијата за надзор над спроведувањето посебна истражна мерка -следење на комуникациите од страна на МВР, Управата за финансиска полиција, Царинска управа и Министерство за одбрана.
Емил Димитриев, претседател на оваа собраниската Комисија појасни дека забелешката се однесува на доцнењето на формирањето на Граѓанскиот совет и немањето експерти за контрола на службите.
Потсети дека еден дел од членовите на Граѓанскиот совет се избрани, но за другиот дел ќе се објави втор оглас. Според опозициските членови на Комисијата, рече, подобро било да се поништел тој оглас и да се објави нов кој ќе биде транспарентен. Во однос на ангажирање на експертите во Комисијата потенцира дека пред неколку месеци било разговарано и со раководните лица во Собранието, и се уште немаат поддршка за да се обезбеди буџет и да почне постапка за ангажирање експерти.
-Во ноември доставив писмо до Џафери дека е неопходно Собранието да помогне во делот на обезбедување буџет и спроведување на постапката за огласување за избор на експерти, бидејќи Комисијата нема ресурси тоа да го направи, но се уште немам одговор, рече Димитриев, кој рече дека за потребните надзори во годината ќе треба буџет околу 20 илјади евра.
Комисијата ќе треба да ангажира експерти од дигиталната форензика, дата податоците, телекомуникации, и веројатно експерт од областа на правото. Клучно, според Димитриев, е да добијат експерти кои се квалитетни во делот на дигиталната форензика и податоците и телекомуникациите и тоа поквалитетни од експертите во ОТА. Треба да бидат ангажирани по двајца експерти за предвидените максимум шест контроли годишно, односно 12 експерти вкупно. Експертите ќе бидат адхок ангажирани од страна на Комисијата.
Димитриев потенцира дека она што е нотирано и од страна на експертите, а и според него е прилично загрижувачко, што со новите закони што се предмет на разговори на експертско ниво, а кои се сет закони од сферата на безбедноста во делот на реформи во безбедностиот сектор, дека еден дел од тие закони значително ќе влијае на намалување на квалитетот на надзорот над службите.
Според него доколку поминат во таква верзија ќе има помал квалитет на надзорот, изразувајќи уверување дека ќе бидат видоизменети кога ќе дојдат во собраниска процедура и најавувајќи дека во Собранието ќе имаат проактиевен однос во тој дел да не се допушти да се ограничи контролата на службите.
– И ние и експертите сме согласни дека не треба да помине во Собранието, бидејќи овие се во драфт верзија и јас верувам дека и мислењето што ќе го даде оваа експертска екипа на тоа работно тело може да корегира нешто и кога ќе дојдат во собраниска процедура да бидат видно изменети, бидејќи нелогично е од една страна да градиме капацитети за поквалитетен надзор со едни закони, а со други измени тој надзор да го рушиме, рече Димитриев, кој додаде дека е расположен за креативни решенија за посилна контрола на службите, а не ограничување на контролата.
Посочи дека се работи за законот за следење на комуникации во кој се нотира што надзорот не може да гледа и таму има многу работи наведено што надзорот не може да проверува, што, како што рече, во суштина ако бидат имплементирани, надзорот ќе биде многу проформа.
Во ситуација кога граѓаните имаат прилично нарушена доверба во овие институции, Димитриев смета дека активностите на законодавецот треба да бидат во овозможување што поквалитетен надзор со кој ќе се придобие довербата на граѓаните кон институциите.
Законите ги подготвува интерресорско тело на Владата составено од експерти од различни институции и се во драфт верзија.
Одговорајќи на новинарско прашање Димитриев рече дека со Оперативната техничка агенција – ОТА имаат добра соработка и дека во изминатите три месеци таа дала извештаи и дека наредната недела треба да го даде извештајот ќе за 2018 година.