Уште еден авион со медицинска опрема, организиран со финансиска поддршка на Европската унија, слета утрово на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.
Како што јави јави дописникот на МИА од Белград, помошта се состои меѓу другото и од 800.000 заштитни маски што ЕУ ги купи за Србија.
-Тоа се заштитни медицински маски, бесконтактни топломери. Со летот се допремени нешто помалку од 200.000 скафандери што ги купивме за здравствените работници и луѓето кои работат во геронтолошките центри и другите загрозени институции, изјави на пречекот на помошта премиерката Ана Брнабиќ, додавајќи дека ЕУ набавила и контејнери за тријажа (100), од кои некои веќе се во Србија, за тријажа на пациенти позитивни за Ковид 19 или за оние кои сè уште чекаат тестови.
-Ова е 11 од вкупно 15 авиони за кои транспортот го плаќа Унијата. Во зависност од авионите, транспортот од Кина до Србија чини меѓу 400.000 и половина милион евра. Очекуваме наредните недели и машини за кислород и респиратори, кажа Брнабиќ.
Таа потсети дека е договорено 93 милиони евра од ИПА програмата да бидат наменети за итна медицинска помош и поддршка, како и 78 милиони евра за економско закрепнување на Србија.