Европската комисија и пренела на Србија дека нејзиниот европски пат бара јасни стратешки избори и вклучува „избегнување стратешки зависности што не се во согласност со таа цел“. Реакцијата е по повод потврдата на претседателот Александар Вучиќ дека Белград купил разорни кинески суперсонични балистички ракети CM-400.

Портпаролот на ЕК изјави дека „кредибилен европски пат значи посветеност на регионалната стабилност и заедничко разбирање на безбедносните предизвици со кои се соочува нашиот континент“, пренесе РСЕ.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вчера изјави дека му пишал на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за новото оружје на српската армија.

„Такво оружје се уште не е видено на европска територија. Му пишав на генералниот секретар Марк Руте за тоа“, нагласи Пленковиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во четвртокот потврди дека Србија купила суперсонични балистички ракети CM-400 од Кина.

„Имаме значителен број ракети и ќе имаме уште повеќе од нив“, изјави Вучиќ за РТС.

Тој додаде дека српските вооружени сили успешно ја интегрирале кинеската ракета во руските борбени авиони МиГ-29 што ги поседуваат.

Вучиќ синоќа одговори дека Србија ќе продолжи со набавките.

„Ќе продолжиме со тоа. Нека земат повеќе хартија да пишуваат почесто во НАТО, но не мора да се мачат, само нека ми кажат да пријавам во НАТО. Кому сакаат да пријавам, тоа ќе го сторам. Да кажам само дека ова е Србија. Еве, Србија одлучува што сака да има. Србија е суверена и независна земја и Србија ќе може да се одбрани“, рече синоќа Вучиќ.

Премиерот на Хрватска изјави дека не очекува Србија да биде во позиција да користи хиперсонични ракети против соседните земји, Хрватска или која било друга, и најави дека ќе разговара за ова со партнерите од НАТО и ќе ги предупреди за ова ново оружје.

Одговарајќи на изјавата на Пленковиќ, Вучиќ изјави за РТС дека Србија „се подготвува да биде нападната од страна на сојузот формиран од Приштина, Тирана и Загреб“.

„Не можеме да ги напаѓаме земјите од НАТО, а Албанија и Хрватска се исто така земји од НАТО. Ниту пак сакаме да ги нападнеме. Но, мислам дека тоа е нивната единствена намера. Тие само чекаат еден момент. Србија има доволно сила за одвраќање за две земји и еден ентитет“, рече тој.

CM-400AKG, произведен од Кинеската корпорација за воздухопловна наука и индустрија (CASIC), е суперсонична балистичка ракета воздух-земја. Може да носи или високоексплозивна боева глава од 150 кг или пенетрациска боева глава од 200 килограми и има дострел до 400 километри.