Вториот ден од самитот на ЕУ беше посветен на односите со Кина, која се смета за системски ривал на Европската Унија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Шефовите на држави и влади на ЕУ одржаа дебата за Кина и односите со ЕУ, само неколку дена по завршувањето на Конгресот на комунистичката партија на Кина.
Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, изјави дека не треба да се биде „наивен“ во однос на Кина, но и дека не треба да се биде во систематска конфронтација. Овие заклучоци се дел од долгогодишните обиди на Европската Унија да изгради „стратешка независност“ во однос на големите сили во светот, во областа на енергијата, одбраната и технологијата. Сето тоа во тесна соработка со НАТО.
За ЕУ е јасно дека ривалитетот со Кина е пред сѐ од технолошка природа и истакна дека е важно да се осамостои од Пекинг во корист на „партнери од поголема доверба“.
Европската Унија сака да биде независна од Кина, повторија челниците на ЕУ на прес конференција, на која претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен порача дека тензиите со Пекинг „забрзано растат“, како што покажал Конгресот на комунистичката партија.
ЕУ ја критикуваше и соработката помеѓу Кина и Русија и покрај војната во Украина.