Претставници на Данското претседателство со Советот на ЕУ и на Европскиот парламент денес постигнаа спогодба за воспоставување на онлајн платформа именувана „ЕУ Базен на таленти“, чија цел ќе биде да го олесни вработувањето на работници од држави кои не се дел од Унијата за ангажман во секторите во блокот каде што постои дефицит на работна сила.
Онлајн платформата, во која учеството на земјите членки ќе биде на доброволна основа, ќе ги поврзува компаниите лоцирани во ЕУ кои имаат отворени работни позиции со профилите на поединци од трети земји кои се во потрага по работа и живеат надвор од Унијата.
Намерата на „Базенот на таленти“ е да го направи пазарот на трудот на ЕУ поконкурентен и да се справи со недостигот на работна сила.
Платформата ќе обезбеди исцрпни и релевантни информации за барателите на работа од трети земји за нивните права и условите за работа во ЕУ.
Поединците од трети земји кои се во потрага по работа ќе можат да креираат свои профили на платформата во кои ќе наведат податоци за нивните способности, квалификации, работно искуство и јазични познавања.
Оние странски државјани кои ќе добијат работа во ЕУ преку оваа платформа ќе мора да ги поминат постоечките национални процедури на земјите членки за аплицирање за дозволи за престој и работа.
Со цел да се спречи злоупотреба и можна експлоатација на работниците од трети земји, платформата ќе нуди целосна транспарентност во однос на работодавачите и нивното досегашно почитување на релевантното законодавство на ЕУ.
Договорената регулатива за формирање на платформата „ЕУ Базен на таленти“ сега треба да биде и официјално одобрена од страна на земјите членки во Советот на ЕУ и од Европскиот парламент, по што таа ќе стапи во сила.




