Италијанскиот премиер Марио Драги ќе го претстави планот за обнова финансиран од Европската унија пред парламентот, додека во државата делумно се отвораат рестораните, кината и театрите по повеќемесечните наизменични строги затворања и мало олеснување на мерките.
Огромното мнозинство од дваесетина региони сега е обележано со жолто. На баровите и рестораните им е дозволено да им служат на гостите на терасите, но и навечер, првпат по шест месеци, иако полицискиот час е се уште во сила со почеток во 22 часот.
Кината, театрите и концертните сали повторно се отвораат за јавноста, но со ограничување до 50 проценти од капацитетот. Базени, спортски сали и забавни паркови исто така треба да се отворат до 1 јули.
Драги беше под притисок на регионалните лидери и некои манифестации кои бараа ублажување на анти-епидемиските мерки. Премиерот призна дека презема „пресметан ризик“, додека во Италија во просек 300 луѓе умираат од Ковид-19 на ден, иако се намалува бројот на новоинфицирани и примени на интензивна нега.
Кампањата за вакцинација достигна просечно 350.000 дози на ден, но сепак постојат големи разлики помеѓу регионите.
Италија, првата европска земја која беше сериозно погодена од пандемијата на почетокот на 2020 година, изгуби приближно еден милион работни места и минатата година претрпе пад на БДП за 8,9 проценти. Третата економија во еврозоната смета на мега-план за закрепнување усвоен од Европската унија во јули, кој носи 750 милијарди евра за зајакнување на економијата. Марио Драги денеска треба да ги претстави деталите за неговиот национален план за трошење на тие средства во парламентот.
Меѓу приоритетите се, меѓу другото, реконструкција на застарена инфраструктура (автопати, железници), обновливи извори на енергија, дигитализација на компаниите и администрација.
Втората цел ќе биде премостување на јазот помеѓу северот и југот на полуостровот, со поддршка пред се за младите и жените, особено погодени од сегашната криза.
Драги, исто така, сака да ја потенцира важноста на решавање на проблемите што постоеле пред пандемијата, како што се даночни измами, бирократија и бавноста на судството.
Несогласувањата околу планот предизвикаа пад на владата на Џузепе Конте во февруари.