Бројот на баратели на азил од Македонија во земјите членки на ЕУ е драстично опаднат во март оваа година во споредба со претходните месеци, јави МИА од Брисел.
Oд Македонија 316 лица аплицирале за азил минатиот месец, додека пак во јануари и февруари оваа бројка изнесуваше на 600, информира Европската канцеларија за азил, ЕАСО.
Од 316-та барање, 229 се први барања, останатите се повторени апликации за азил.
Што се однесува до одлуките за доделување на бегалски статус, состојбата е речиси непроменета за Македонија: најголемиот број барања и натаму се одбиваат, бидејќи земјата се смета за безбедна.
Во март, канцелариите за азил во ЕУ одбиле 454 барања за азил од македонски државјани, додека пак на шест лица им бил одобрен бегалски статус.
Една десетина од барањата за азил се повторни барања, односно лица кои биле најмалку еднаш веќе одбиени, и најчесто тие се од регионот на Западниот Балкан.
-Како што беше случај претходните месеци, државјаните од Западниот Балкан имаат тенденција да поднесуваат повторни апликации во екстремно високи бројки, нагласува ЕАСО.
Генерално земено, пак, трендовите за март месец покажуваат мало покачување на барањата за азил ширум ЕУ во однос на февруари значајно зголемување во однос на март минатата година.
-Огромна пропорција на регистрираните апликации во март доаѓаат од лица на кои не им е потребна виза за влез во Шенген зоната, соопшти Канцеларијата за азил, како Венецуела, Колумбија, Албанија и Грузија.
Главно, баратели на азил во ЕУ се од Сирија, Венецуела и Авганистан, а најголемо зголемување бележи токму Авганистан, додека пак државјаните на Венецуела втор месец по ред бележат рекорден број апликации за бегалски статус во Европа. Барањата од Сирија остануваа стабилни.
Останатите седум земји на врвот на списокот на најголем барања се Ирак, Колумбија, Нигерија, Пакистан, Иран, Албанија и Грузија.
Посебно маркантен е порастот на бегалци од Колумбија, бројка зголемена за 32 отсто во споредба со февруари.