Дипломатите на ЕУ не го одобрија новиот пакет санкции против Русија, предложен од Европската комисија, бидејќи треба да се решат технички прашања, вклучително и дали забраната за увоз на јаглен од Русија ќе влијае врз постоечките договори, објавија западни медиуми, повикувајќи се на неименувани извори.
Европската комисија вчера предложи забрана за увоз на сите видови јаглен од Русија, како дел од поширокиот пакет мерки кои дополнително ќе ја ограничат трговијата со Москва.
Санкциите мора да бидат одобрени од владите на ЕУ, но загриженоста по тоа прашање беше изразена на денешниот состанок на претставниците на ЕУ, изјавија три неименувани извори.
Како што наведуваат, едно од клучните прашања го покрена Германија, која е најголем увозник на руски јаглен.
Берлин побара објаснување дали забраната за јаглен ќе влијае на постоечките договори или само на идните договори, додаваат изворите.
Германија претходно го блокираше обидот на ЕУ да го забрани увозот на руски јаглен, како одговор на кризата во Украина.