Изборот на Џеј Ди Венс за потпретседателски кандидат ги зголеми стравовите во Европа дека тој би ја фаворизирал политиката „Америка на прво место“, што би можело да кулминира со американски притисок врз Украина да попушти пред Владимир Путин и да побара мир со Русија, изјави неименуван европски дипломат во Вашингтон.
– Тоа е лошо за нас, но за Украина тоа е страшна вест. Венс не е наш сојузник – посочи тој.
Странските дипломати и набљудувачи наведуваат дека не можат да знаат што непредвидливиот Трамп може да направи ако победи на претстојните претседателски избори.
– Сенаторот Венс беше еден од водечките противници на новиот пакет помош за Украина минатата пролет и изрази рамнодушност кон она што се случува во таа војна – изјави поранешниот американски амбасадор во Русија и директор на Институтот за меѓународни студии „Фриман Спогли“, Мајкл Мекфол.
Според него, Трамп со изборот на Венс за потпретседател јасно им ја претставил својата надворешна политика на американските гласачи.