Европската Унија порача денеска дека ги следи мошне внимателно подготовките за вонредните парламентарни избори, што ќе се одржат утре во Косово и очекува почитување на демократските стандарди и во текот на самиот процес на гласање, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во заедничката изјава на шефот на канцеларијата на ЕУ, Томаш Суниог и на шефовите на мисиите на земјите членки на Унијата во Косово, се нагласува „значењето на транспарентноста и веродостојноста“ на изборниот процес.
Претставниците на ЕУ ги повикуваат косовките институции „да постапуваат согласно европските стандарди, без политички притисоци и со почитување на одлуките на Централната изборна комисија и на судовите“.
– Ние, дипломатите од Канцеларијата на ЕУ и претставништвата на земјите членки на ЕУ, заедно со другите меѓународни колеги, ќе го следиме одблизу изборниот процес и на денот на иборите со посета на гласачките места, се наведува во соопштението, во кое се изразува поддршка на набљудувачите од граѓанските организации.
Официјален Брисел изрази уверување дека набргу по завршувањето на изборите ќе се формира новата влада и ќе биде избран новиот претседател на државата.
– Веруваме дека новиот претседател ќе биде бргу избран од новото Собрание и дека новата влада ќе биде изгласана навреме за да ги промовира реформите и натамошниот развој, да се нафати со борбата против корупцијата, да го зајакне владеењето на правото и да ја унапреди европската иднина на Косово, вклучително продолжувањето на дијалогот со посредство на ЕУ меѓу Белград и Приштина, се истакнува во заедничкто соопштение на претставниците на ЕУ.
Во Косово утре се одржуваат осмите по ред парламентарни избори од осамостојувањето на земјата по војната со Србија во 1999 година. Првиот косовски независен повеќепартиски законодавен дом се формира по изборите одржани во ноември 2001 година. Овие вонредни избори беа распишани откако пред три месеци Уставниот суд на Косово го оспори легитимитетот на досегашната Влада предводена од Авдулах Хоти.