Полска го зголеми својот јавен долг во првата половина од годинава за 36,2 милијарди евра, Чешка за 16,2 милијарди, Романија за 11,1 милијарди, Словачка за 9,6 милијарди и Хрватска за 4,2 милијарди евра, пишува хрватскиот весник „Слободна Далмација“.

Иако се чини дека се троши немилосрдно и дека растот на јавниот долг на Хрватска од 33 милијарди куни за седум месеци годинава е голем, околните земји трошат повеќе за да им помогнат на своите економии, наведува весникот. Се додава дека растот на јавниот долг од 4,2 милијарди евра во првата половина од годинава на 43,5 милијарди евра, во незгодна комбинација со пад на економијата за 15 проценти во вториот квартал, не ја постави погоре Хрватска за ниту едно место во Европската унија. Со учеството на јавниот долг во БДП, кој годинава се зголеми за цели 12,1 процентен поен, од 73,2 на 85,3 проценти, Хрватска, како и минатата година, го држи високото осмо место во ЕУ, забележува Слободна Далмација.

Пред Хрватска според учеството на јавниот долг во бруто домашниот производ има седум држави. Лидер е Грција, чиј јавен долг изнесува 187 проценти од БДП, следена од Италија со 149 проценти и Португалија со 126 проценти, по што следат Белгија, Франција, Кипар и Шпанија.

Со износи кои се мерат во милијарди или илјадници милијарди евра, Унијата е предводена од Франција со 2,6 трилиони евра јавен долг, Италија со 2,5 трилиони и Германија со 2,2 трилиони евра, што е 67 проценти од германскиот БДП

Во текстот се наведува дека за само половина година, во Хрватска се избришани шестгодишните напори за намалување на учеството на јавниот долг во БДП, при што тој беше намален за 11,5 процентни поени.

Исто така, се наведува дека, според податоците на Евростат, јавниот долг на Словенија во споменатиот период достигна 78 проценти од БДП, Унгарија 70 проценти, додека најмалку задолжена е Бугарија со само 21 процент удел на јавниот долг во домашниот производ и Чешка со 39,9 проценти.

Поголем јавен долг во номинален износ од хрватските 43,5 милијарди евра, во првото полугодие имале Полска 281,8 милијарди евра, Унгарија 93 милијарди, Романија 89 милијарди, Чешка 84,6 милијарди и Словачка 55 милијарди евра.

„Да додадеме на ова, земјите со кои можеме да споредуваме, пораснаа во изминатите 17 години со просечни стапки далеку над хрватските“, истакнува Слободна Далмација.

Како пример, се наведува дека во Полска и Романија просечните стапки на раст на БДП изнесувале по четири проценти, што е за дури 135 проценти поголема стапка од просечниот раст на хрватската економија од 1,7 проценти.