Европската Унија смета на САД и НАТО да се погрижат нејзините интереси да бидат застапени во разговорите со Русија за европската безбедност, изјави денеска министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел.
– ЕУ ќе соработува со САД и НАТО за да се осигури дека нејзините интереси ќе бидат претставени во сите идни разговори со Русија за европската безбедност, рече Борел во соопштение.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров најави дека во јануари се очекуваат првите разговори Русија-САД и Русија-НАТО за безбедносните гаранции што ги бара Москва во врска со украинската криза.
Западот ја обвинува Русија за агресивно однесување откако распореди десетици илјади војници на границата со Украина.
– Денес европската безбедност е под закана, рече Борел.
Тој повтори дека ЕУ, со своите „партнери и сојузници“, „одлучно ќе одговори“ на секое ново кршење на суверенитетот на Украина, истовремено повикувајќи на дијалог и преговори.
Тој рече дека секој вистински разговор за безбедноста во Европа треба да се заснова на заложбите и ветувањата дадени во рамките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Обединетите нации, наведувајќи дека тоа се вистинските столбови на европската безбедносна структура кои треба да се зајакне наместо да се доведе до ерозија.
– Таквите разговори треба да бидат инклузивни и да ги земат предвид грижите и интересите на сите вклучени страни, рече Борел.
Минатата недела Русија поднесе нацрт-безбедносни договори со кои се бара забрана за понатамошно проширување на НАТО во Украина и другите поранешни советски републики и повлекување од Централна и Источна Европа. Вашингтон и сојузниците не се согласија да дадат такви ветувања, но изразија подготвеност да разговараат.
САД денеска повторно ја обвинија Русија за продолжување на „ескалацијата“ на границата со Украина и го повторија предупредувањето во случај на „агресија“ врз таа земја.