Европската унија се подготвува да се задолжи 800 милијарди евра до 2026 година за реализација на фонд за опоравување, што е прифатен за борба против економските последици предизвикани од пандемијата на коронавирусот, пренесува Анадолија.
Европскиот комесар за буџет Јоханес Хан денеска ја претстави стратегијата за финансирање на фондот за обновување „Нова генерација на ЕУ“. Овој пакет за закрепнување е подготвен заради надминување на економската криза предизвикана од глобалната пандемија.
Хан рече дека Европската комисија годишно ќе собере до 150 милијарди евра од пазарот на капитал за да го финансира пакетот за опоравување.
– Европската комисија ќе користи разновидна стратегија за финансирање за да собере околу 800 милијарди евра по сегашни цени до 2026 година, рече Хан. Како што објасни, ресурсите што ќе бидат собрани ќе бидат под поволни услови, по што ќе бидат пренесени на земјите-членки во согласност со плановите за инвестиции и реформи.
Хан посочи дека долгот за оваа намена ќе биде отплатен до 2058 година, почнувајќи од 2026 година, истакнувајќи дека тие веќе работат на нацрт-закон за ова прашање што ќе биде објавен до крајот на јуни.
По долги преговори, земјите-членки на ЕУ постигнаа договор во декември минатата година за фонд за обновување во вредност од 750 милијарди евра.