Европската Унија денеска донесе одлука за уште една година да ги продолжи санкциите кон сирискиот режим на претседателот Башар ал Асад, пренесува Анадолија.

Поради постојаниот притисок од страна на режимот на Асад и неговите приврзаници врз цивилното население во Сирија, Советот на ЕУ денеска соопшти дека е донесена одлука за продолжување на ограничувачките мерки до 1 јуни 2022 година

Во соопштението се наведува дека најмалку 283 лица се наоѓаат на списокот со санкции на ЕУ заради нивното учество во насилства врз жители на Сирија.

На овие луѓе им е забрането да патуваат, а нивниот имот е замрзнат. На списокот со санкции на ЕУ има и 70 сириски институции. Средствата на овие институции, вклучително и Централната банка на Сирија, исто така, се замрзнати.

Санкциите на ЕУ против Сирија вклучуваат ограничување на вложувањата, спречување на извозот на техничка опрема и технологија што може да се искористи за притисок врз јавноста, како и ембарго на извозот на нафта. Санкциите не се однесуваат на испраќањето хуманитарна помош.