Ракометната репрезентација на Македонија попладнево од 16 часот во „Штад Хале“ во Виена го игра мечот од 2. коло на Европското првенство против Чешка.
Македонија со победа ќе се пласира во следната фаза од континенталното натпреварување, а со пораз ќе ја искомплицира ситуацијата пред дуелот од третото коло со домашната селекција на Австрија.
„Жолто-црвените“ забележаа победа во првото коло над Украина со 26:25, додека денешниот наш противник исто така имаше победнички старт, откако го совлада домаќинот Австрија со 32:29.
Статистиката е на страна на Чешка, која има шест победи, Македонија петпати остварила победа, а три средби завршиле без победник.
Дуелот ќе го судат Мирза Куртагиќ и Матијас Ветервик од Шведска.
Десниот бек Мартин Велковски вчера во изјава за новинарите посочи дека македонските ракометари мора повеќе да ризикуваат, да ја преземаат одговорноста, за да бидат поопасни за противникот.
– Добро се познаваме со Чешка, нема тајни и верувам дека можеме да играме против нив, изјави бекот на Еурофарм.
Пикерот Жарко Пешевски пак очекува груб дуел, со малку голови.
– Голманите ќе имаат клучна улога. Често играме против Чешка и добро се познаваме. Сигурен сум дека ќе треба подобро да играме од натпреварот со Украина, за да ги победиме, изјави Пешевски.