Англија ја победи Србија со 1:0 во последниот денешен натпревар на ЕУРО 2024. Средбата во Гелзенкирхен ја реши голот на Белингем во воведниот дел.
Од стартот Стојковиќ тргна со двајца напаѓачи, Влаховиќ и Митровиќ, но на сметка на капитенот Тадиќ кој остана на клупата. Кај Англичаните немаше изненадувања и Саутгејт тргна со сите расположливи сили. „Гордиот Албион“ отвори сигурно, беше поконкретен во воведниот дел од мечот и тоа се исплатеше. Веќе во 13. минута Џуд Белингем со глава стрела за англиска предност. Ѕвездата на Реал се најде на вистинското место на петерецот, а топката со помош на блокот му ја нафрли Сака, па на Белингем не му беше тешко со глава да ја погоди мрежата на Рајковиќ.
Србите беа во подредена улога во првиот дел, но добра шанса имаше Митровиќ. Напаѓачот на Ал-Хилал доби уфрлена полувисока топка од десната страна и биеше малку крај десната статива од голот на Пикфорд. До полувремето Англија беше подобар противник, меѓутоа како што одминуваше времето фаворитот се опушташе.
Во вториот дел Англичаните не изгледаа најдобро. Србија ја презеде топката и играта на средината на теренот, а почна и да гради акции со кои сакаше да го загрози ривалот. Англиските фудбалери делуваа преопуштено и тоа можеше да биде проблематично, но и покрај тоа Кејн имаше шанска кога со глава погоди пречка.
Во завршницата целосно притисна Србија, а имаше и две добри шанси. Прво можностите на Пикфорд ги тестира Влаховиќ, а голманот на Евертон со атрактивна парада спаси.
По корнерот се закани и Бирманчевиќ, но неговиот удар од неколку метри пред голот со глава го одби Кејн. Се закани и Сергеј Милинковиќ-Савиќ со удар од голема далечина, меѓутоа резултатски промени немаше. Англија го издржа српскиот налет и со минимална победа тргна на Европското првенство.
Следните натпревари во оваа група ќе се одиграат в четврток. Србите во првиот термин од 15:00 часот ќе се судрат со Словенија, додека Англија во терминот од 18:00 ќе игра со Данците.