Италија со триумфот од 3:0 над Турција на отворањето на ЕУРО2020 ја продолжи серијата без пораз на 28 натпревари и го доближи својот селектор Роберто Манчини на само два чекори до израмнување рекорд стар 90 години.
Доколку Азурите не загубат на преостанатите две пресметки од групната фаза на ЕУРО2020, против Швајцарија и Велс, Манчини ќе го израмни постигнувањето на легендарниот италијански селектор Виторио Поцо, кој во 30-те години од минатиот век нанижа 30 натпревари без пораз на италијанската клупа.
Најдолгата серија без пораз Италија ја забележа во периодот од ноември 1935 до декември 1938, кога оствари 24 победи и шест нерешени резултати.
Последниот пораз под водство на Манчини, репрезентацијата на Италија го претрпе во септември 2018 година во Лисабон од Португалија (0:1) по што нанижа серија од 23 победи и пет нерешени резултати.
Билансот на Манчини, откако седна на италијанската клупа во мај 2018 година, е 24 победи, седум нерешени и само два порази.