Илјадници Филипинци денеска мораа да ги напуштат своите домови поради ерупцијата на вулканот Тал, што исфрли пепел и пареа во височина од неколку стотини метри.
Ерупцијата на вулканот, што се наоѓа во средината на езерото Тал, јужно од Манила, почна во 7.22 часот по локално време, соопшти Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија.
Институтот предупреди дека се можни дополнителни ерупции и дека вулканот освен пепел и пареа може да испушти и опасен гас, а можно е и цунами.
Се препорачува евакуација на населението во близина на езерото, каде има пет села во кои живеат околу 12.000 жители.
Вулканот Тал е еден од најактивните вулкани на Филипините, а се наоѓа на островот Лузон. Пристапот до вулканот во средината на езерото Тал е забранет од јануари 2020 година бидејќи исфрлаше лава врз десетици куќи. Во ерупциите загина добиток, а неколку илјади луѓе веќе се раселени.