Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска информираше дека санирањето на главниот цевковод во главниот град, кое е најавено за во сабота, нема да трае подолго од една обична санација на дефект.
Од „Водовод“ веќе известија иницијално. Се работи за зафат кој има сложен и оперативен план и затворање на една од главните доводни цевки на магистралниот цевковод. Се прави еднаш во 50-60 години. Континуирано веќе една деценија се одложувало санирањето. Овој дефект е еден од четирите кои ќе се санираат во текот на викендот. За истото нема да има потреба од дотур на вода. Нема да трае подолго од една редовна санација на било кој дефект. Сите оние кои што од политички или било кои побуди сакаат да креираат неизвесност или страв меѓу населението, апелирам тоа да не го прават. Службите кои што работат во градот и согласно онаа студија за состојбите во која се магистралните цевководи, покажуват дека апсолутно ќе биде завршено во едно деноноќие. Нема да биде ништо надвор од сите останати процедури што ги имаме при санација на не толку сериозни дефекти низ градот – рече градоначалничката на прес-конференција пред акцијата за засадување дрвца кај новиот Мега Парк во општина Карпош.
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека водата полека ќе почне да се затвора в петок од 22:00 или од 24:00 часот.
Целосното затворање на водата ќе биде во утринските часови в сабота, по што веднаш ќе почнеме со работните активности на главниот цевковод. Ќе се работи на менување на големите затворачи, односно шибери од 1.600 милиметри. Станува збор за повеќе затворачи на главниот цевковод од десната страна на реката Вардар, почнувајќи од „СП Планет“ – трговскиот во Ѓорче Петров , па надолу Порта Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, сè до Зелениково и Студеничани. Поради тоа, тие ќе немаат вода – објаснија од Дежурно-информативниот центар при ЈП „Водовод и канализација“. Вода ќе нема и Автокоманда (ниската зона). Додека Гази Баба, Општина Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарската улица до американската Амбасада, Визбегово, Бардовци, Автокоманда (високата зона), Ѓорче Петров од „СП Планет“ до Сарај, Сарај, Маџари и Сингелиќ ќе имаат вода. Од претпријатието не знаеја да кажат колку часа ќе трае интервенцијата