Додека другите градоначалници можат да се пофалат со добро изработени проекти кои добија зелено светло за реализација и пари од унгарскиот кредит, првите луѓе на Струмица, Град Скопје, Теарце и Сарај, се соочија со непоминување на евалуацијата.
Личниот неуспех на градоначалниците кој на свој грб ќе го почувствуваат граѓаните кои ги гласаа или ги плаќаат, беше причина за искажување на револт преку дополнителни погубни одлуки.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов наместо да им објасни на сограѓаните што точно се случило, да се обиде да манипулира.
Така, обвинувајќи ги сите останати, освен себеси, соопштува дека Струмица ќе го напушти ЗЕЛС.
Порталот КУРИР истражуваше со колку проекти аплицираше општина Струмица и зошто беше одбиена?
Според порталот, причината не е ниту партиски реваншизам, ниту некакви привилегии на други општини пред оваа, туку неподготвеност да се изработат повеќе проекти, со соодветна документација, буџетирање, планови и рокови.
Така, дознава КУРИР, Струмица аплицирала само со ЕДЕН ПРОЕКТ, за кој веќе пред граѓаните претставила дека има пари за реализација, односно дека веќе започнала со работа за него.
Согласно информациите кои ги добил порталот од владини извори, општина Струмица има аплицирано за еден проект – изградба на градски пазар. Бидејќи Костадинов веќе почнал да работи на проектот, логично е за истиот да има обезбедено средства.
-Станува збор за проект кој веќе се работи. Односно, за да започне еден проект со работа, треба истиот најнапред да подлежи на трендерска постапка. За да тендерирате проект мора да имате обезбедено средства. Што значи, општина Струмица го изработила проектот, започнала постапка и да бидеме попрецизни, за тој проект веќе има поставено и камен темелник. Со цел да овозможиме искористување на повеќе средства како Влада зборувавме дека постои можност да финансираме проекти со фазна реализација. Односно, ако станува збор за поголем проект кој може да се подели во неколку фази, ако една од фазите е финансисрана од општината, втората фаза може да биде финансирна од владата. Но, во овој конкретен случај, нема никаква економска логика да барате финансирање на проект кој веќе се работи. Затоа цениме дека не станува збор за одбивање, едноставно станува збор за неисполнување на услови, изјавила за Курир владината портпаролка Марија Митева.
Владата е јасна во ставот за единство се во интерес на граѓаните, па така е и за случајот со најавите за напуштање на ЗЕЛС.
-Согласно Уставот независноста на општините е загарантирана во делот на остварување на нивните надлежности. Воедно општините ги извршуваат своите надлежности преку органи избрани непосредно од граѓаните, за време од четири години. Како Влада секогаш ќе поддржуваме единство се во интерес на граѓаните и затоа цениме дека одлуки кои се во одредена мера иницирани поради лични наспроти колективни интереси одат директно на штета на граѓаните, посочила Митева.
По извршената евалуација од страна на ресорните министерства, Владата минатата недела соопшти дека одлучила оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини. Нивната вкупна вредност изнесува нешто над четири милијарди денари или околу 65 милиони евра. Овие средства се обезбедени од земениот унгарски кредит.
„Владата изрази благодарност на општините за максималната посветеност и ангажираност, што само ја докажува нивната способност и волја за инфраструктурен напредок, за што, во изминативе години немале можност поради ограничените финансиски средства. Почнувајќи од оваа година и во наредните години, на општините им се отвара нова можност да ги реализираат приоритетните проекти, да ги подобрат основните услови за живеење за граѓаните, да можат општините да се развиваат побрзо и да се создаваат нови можности за граѓаните“, пишуваше во владиното соопштение.