Еврејската заедница на Македонија бара од надлежните органи да превземат соодветни мерки против оние кои ширеле говор на омразапо повод престојот на ортодоксно религиозната еврејска група Лев Тахор во државава, која како што навеле во соопштението,е во основа мирољубива и не загрозува никого.

Една мала група на подбуцнувачи со своите изјави во стилот „Треба да се запали хотелот со се Евреите по него“ предизвикува страв и непријатно чувство на Евреите во Република Македонија. Никогаш Евреите во Македонија, не се судриле со таков антисемитизам, ксенофобија и јазик на омраза, кој може да предизвика несогледиви последици – реагираат од Еврејската заедница на Македонија.

Членовите на еврејската верска заедница Лев Тахор во Македонија се веќе 17 дена, а престојуваа во Куманово, Скопје и сега во охридско.

Од МВР соопштија дека почнале да ги истражуваат се почестите интернет напади и закани кои со говор на омраза и антисемитизам се упатени кон 38-те припадници на еврејската група Лев Тахор.

-Секторот за компјутерски криминал презема мерки и активности за ваквите објави кои имаат елементи на кривично дело, истакнуваат од МВР додека ЈО ги следи сите информации и доколку утврди елементи на кривично дело веднаш ќе постапи согласно своите законски надлежности.