Европскиот комесар за економија и финансии Пјер Московиси во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека Грција “стои на нејзините две нозе“, а ситуацијата ја спореди со неговиот син.
– Добрите вести се дека Грција стои на нејзините две нозе. Но, знаете, го забележувам мојот син кој сѐ уште е мал. Верувам дека за неколку седмици ќе почне да оди. Првите чекори се многу несигурни, потоа стануваат сѐ постабилни, вели Московиси.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, еврокомесарот денеска е во посета на Грција, при што ќе се сретне со грчкиот премиер Алексис Ципрас и со претседателот на Парламентот на Грција, Никос Вуцис.
– Грција е земја што е во моето срце и ја следам од првиот ден кога ја презедов должноста комесар. Од напорите да се избегне Грегзит, до тоа да се направи специјално прилагодена програма, да се заврши и да стигнеме денес до постмеморандумскиот надзор, нагласува Московиси во интервјуто.
Во пресрет на состанокот на Еврогрупата на 11 март. каде што треба да се даде зелено светло за следната транша за Грција во износ од 970 милиони евра, европскиот комесар вели дека грчката Влада треба да исполни две обврски – прво, новиот закон за заштита на домовите по подигнат станбен кредит да биде само за ранливите групи граѓани и да не можат да го злоупотребат други и второ, продажба на единиците на грчката електродистрибуција.
– Верувам дека Грција навремено ќе ги затвори овие прашања за средбата на Еврогрупта во март. Се надевам дека ќе го стори тоа, не само затоа што ќе се отвори патот за исплаќање на една милијарда евра, туку и затоа што ќе се испрати знак до пазарите дека останува посветена на нејзините обврски, нешто што е важно за кредибилитетот на земјата и привлекување инвестиции, вели Московиси за АНА-МПА.