Европскиот парламент стравува дека Русија и Кина може да го зголемат своето влијание во Авганистан по повлекувањето на трупите на НАТО од таму и по колапсот на авганистанските власти под притисокот на борците од радикалното талибанско движење.
„Европската унија мора да развие нова стратегија за Авганистан и регионот во целина, земајќи ги предвид новите околности околу фактот дека Русија и Кина можат брзо да го пополнат политичкиот вакуум“, се вели во соопштението на лидерите на ЕП, објавено на веб-страницата на институцијата.
Европратениците велат дека Пакистан, Иран и Индија треба да бидат повикани да играат конструктивна улога во Авганистан. Во услови на „критичната и драматична“ ситуација, тие ги повикаа сите земји да осигураат безбедна и организирана евакуација од Авганистан на странските државјани, како и на Авганистанци кои сакаат да ја напуштат земјата.
„Имаме морална одговорност кон оние кои работат за структурите на ЕУ, за партнерите во НАТО и за меѓународните и невладините организации“, се вели во соопштението.
Авторите нагласуваат дека хуманитарните напори се врвен приоритет.
„Европската унија, заедно со другите партнери, мора итно да се посвети на решавање на хуманитарната криза во Авганистан предизвикана од конфликтот, раселувањето на цивилите, недостигот на храна, сушата и пандемијата на Ковид-19. Во наш интерес е да спречиме нова миграциска криза“, се вели во соопштението на лидерите на Европскиот парламент.