Европол и француските истражни органи открија мрежа на фалсификатори која во последните години продавала вино од Македонија како скапоцени етикети од француската винска регија Бургундија, објави српскиот портал Виноифино.
Според информациите, истрагата опфатила винари од познатите региони Шабли и Монраше кои, поради недостаток на Шардонe и зголемена побарувачка, полнеле шишиња со македонска смедеревка, увезена од винаријата „Газда Ѓоко“ од селото Мрзени. Фалсификуваното вино, по дополнително одлежување во француски барик буриња, се продавало како автентичен Шардонe со географско потекло, по цени над 250 евра за шише.
Францускиот енолог Теле Репомаше, ангажиран од една од винариите под истрага, за Виноифино изјави дека смедеревката од Македонија оставила силен впечаток поради нејзината минералност и соленост. Сопственикот на македонската винарија, Ѓоко Трпески, вели дека немал никаква информација за понатамошната дестинација на неговото вино – „Бев шокиран кога дознав дека нашата смедеревка се продава за над 250 евра. Ние ја продадовме за 50 евроценти“. Случајот го истражува француското обвинителство во соработка со Европол, а досега се идентификувани најмалку седум лица инволвирани во оваа мрежа. Како што се наведува, сопственикот на македонската винарија засега не е осомничен и не постојат индиции дека бил свесен за фалсификатот.