Повеќе од 80 европратеници поднесоа предлог за резолуција против политичкото насилство, повикувајќи на осуда на убиствата на американскиот активист Чарли Кирк и украинската бегалка Ирина Заруцка.

Предлогот, потпишан од 84 европратеници од десничарските партии, би можел да се гласа на пленарната седница на ЕП на почетокот на октомври, објави „Еуроњуз“.

Кирк, конзервативен активист и близок соработник на американскиот претседател Доналд Трамп, беше застрелан во вратот на 10 септември додека зборуваше пред околу 3.000 луѓе на подиум на Универзитетот во Јута.

Заруцка, која избега во САД од Украина пред една година, беше избодена до смрт во воз во американската држава Северна Каролина во август.

Предлогот резолуција ги осудува убиствата како напад врз демократските вредности, изразува солидарност со семејствата на жртвите и повикува на „нулта толеранција“ кон политичкото и екстремистичкото насилство.

„Во сите демократски општества мора да има нулта толеранција кон насилството, идеолошката омраза и политичкото заплашување“, се наведува во резолуцијата, нагласувајќи дека „медиумите треба чесно да известуваат за ваквите напади, без тривијализирање или криење информации“.

Предлогот го поднесоа италијанските европратеници Сузана Чекарди и Паоло Борчија од партијата Лига, која припаѓа на политичката група Патриоти за Европа.

„Овие брутални убиства ја шокираат нашата совест и покажуваат како политичкото насилство и идеолошката омраза можат да удираат неселективно“, рекоа европратениците во заедничка изјава што ја виде Euronews.

Меѓу потписниците на резолуцијата се претежно европратеници од групата Патриоти за Европа, но и од Европската народна партија, Европа на суверени нации и Европските конзервативци и реформисти, објави Euractiv.

Нацрт-резолуцијата сега треба да ја провери канцеларијата на претседателот на ЕП, а потоа Конференцијата на претседатели, составена од лидерите на политичките групи на ЕП, ќе одлучи дали да ја стави на дневен ред на следната пленарна седница, која ќе се одржи од 6 до 9 октомври.

Убиството на Кирк беше осудено од европските лидери, вклучувајќи го италијанскиот премиер Џорџи Мелони, унгарскиот премиер Виктор Орбан и британскиот премиер Кир Стармер.

Минатата недела, Европскиот парламент беше сведок на жестока дебата меѓу европратениците откако беше одбиено барањето за едноминутно молчење за Кирк, со образложение дека едноминутното молчење го објавува претседателот на ЕП на отворањето на пленарната седница.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, изјави дека е шокирана од „апсолутно ужасното убиство“.