Европратениците му оддадоа почит на споменот на претседателот Давид Сасоли за време на пленарната церемонија што се одржа синоќа во Стразбур, јави дописникот на МИА.

– Европа загуби лидер, демократијата загуби шампион, а ние изгубивме пријател. Тој секогаш знаеше како да ги преточи вредностите во кои веруваше во конкретни акции. Давид Сасоли се бореше да го одржи Парламентот оперативен за време на најкритичните месеци од пандемијата и ни дозволи да гласаме многу важни законодавни пакети што им беа потребни на Европа и на европските граѓани. Ова собрание ќе ја почитува вашата работа и ќе го цени вашето наследство, рече Роберта Мецола, вршител на должноста претседателка на Парламентот. 

Поранешниот италијански премиер и европратеник Енрико Лета, близок пријател на претседателот Сасоли, во своето обраќање рече дека за Давид Сасоли „Европа не е само директиви, институции и акроними, Европа за него беше пред сè нејзините граѓани“.

– Исто како што ги остави отворени вратите на овој Парламент, Давид имаше амбиција да ги отвори вратите за граѓаните на целиот наш континент. Заедничката нишка што се провлекуваше низ сите негови борби беше јасна: Европската Унија е Унија на вредности. Борбата на Давид за демократија, слобода и владеење на правото беше инспирација за сите нас. Ќе ја продолжиме неговата работа, рече Лета.

Претседателот на Советот, Шарл Мишел рече дека Сасоли беше „личност со едноставност, автентична, насмеана и цврста“ кога „беше политички лидер, горд Европеец“.

Францускиот претседател Емануел Макрон, говорејќи во име на ротирачкото претседателство на Советот на ЕУ, го поздрави „човекот со ретка добронамерност, чија насмевка, визија и идеали беа доволно широки за континентот“. Тој го подвлече „срцето и амбицијата“ што ги покажа Давид Сасоли за време на пандемијата, за време на која се врати во цела Европа „лице на пријателство и примерност“ со неговите постапки на чело на Парламентот. 

По говорот на Макрон, зборуваа претставниците на политичките групи во Парламентот. Тие потсетија дека Давид Сасоли беше човек со голем интегритет, скромност и љубезност, секогаш способен да наоѓа компромиси и да ги надмине поделбите додека го водеше Парламентот „со голема предвидливост, одлучност и вештина во тешки времиња“.

Водачот на групата С&Д, на која и припаѓаше Давид Сасоли, Иратсе Гарсија Перез (ЕС), рече дека „тој беше добар, посветен човек, страстен бранител на европската кауза, способен за дијалог додека останува цврст на своите принципи – на слободата, демократијата и солидарноста“.

– Најдобрата почит што може да му се оддаде е да се прошири неговото наследство: да се изгради социјална Европа и миграциска политика која ги става луѓето во центарот на сè, истакна Гарсија Перез.

Други говорници беа: Манфред Вебер (ЕНП), Дачијан Чиолос (Ренесан са  Европа), Ска Келер, (Зелени/ЕФА), Марко Зани (ИДд ), Рафаеле Фито (ЕЦР, ИТ) и Мартин Ширдеван (Левица).

На церемонијата присуствуваа членовите на семејството на Давид Сасоли, неговата сопруга и децата. Присутни беа и истакнати јавни личности, меѓу кои и лидери на повеќе земји и институции на ЕУ: Марио Драги, премиер на Италија, Ксавиер Бетел, премиер на Луксембург, Киријакос Мицотакис, премиер на Грција, Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска и Роберт Абела, премиер на Малта.

На почетокот на церемонијата, во хемисиклот беше прикажано кратко видео со наслов „Давид Марија Сасоли, претседател на Европскиот парламент“.

Европскиот парламент денеска го бира неговиот наследник. Европратениците ќе избираат меѓу Роберта Мецола (ЕНП, Малта), Алис Кунке (Зелени, Шведска), Косма Злотовски (ЕКР, Полска) и Сира Рего (Левите, Шпанија). Кандидатите може да бидат номинирани или повлечени пред секој круг на гласање.

Првиот круг гласање треба да почне околу девет часот откако кандидатите ќе ги изложат своите ставови за работата на ЕП до 2024 година, по што гласањето ќе биде од далечина, а резултатите од првиот круг ќе бидат соопштени околу 11 часот.