И црногорскиот премиер Мило Ѓуканопвиќ се најде на тапет по објавувањето на наводите дека користел даночни раеви за избегнување данок во таканаречените „Пандорини документи“.
За него официјално се произнесе и Делегацијата на Европската унија во Црна Гора, која соопшти дека очекува надлежните државни органи во земјата соодветно да ги истражат наводите од аферата „Пандорини документи“, според кои црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и неговиот син Блажо склучиле тајни договори за управување со нивниот имот во странство.
Претседателот Ѓукановиќ во вчерашната своја изјава од Брдо кај Крањ кажа дека нема направено ништо незаконско кога во 2012 година ја основал компанијата надвор од границите на Црна Гора, наведувајќи дека тоа е уште една монтирана афера бидејќи во тоа време тој немал никаква јавна функција.
Радио телевизија Црна Гора пренесе како Ѓукановиќ кажа дека својот став кон државата тој го покажал во долгите години на борба за неа.
Делегацијата на ЕУ во Црна Гора вчера јасно порача, пренесе црногорскиот весник „Вијести“, дека очекува неодамнешните обвинувања од „Пандорините документи„ како и сите други обвинувања за корупција или евентуално затајување данок, да бидат соодветно истражени од надлежните национални органи.
Во претстојниот годишен извештај на Европската комисија, што наскоро треба да биде објавен, ќе се содржи и проценката на целокупната ситуација во областа на владеењето на правото во Црна Гора.
Претставник на американската Амбасада во Подгорица изјави дека тие не се во можност да ги коментираат случаите на конкретни лица споменати во „Пандорините документи“, но потсети дека претседателот Џо Бајден објави меморандум со кој се утврдува дека борбата против корупцијата е од клучен интерес за националната безбедност.
Меѓу „Пандорините документи“ пишува дека црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и неговиот син Блажо Ѓукановиќ во 2012 година склучиле тајни договори за управување со нивниот имот, криејќи се зад комплицирана мрежа на поврзани компании од Велика Британија, Швајцарија, Британските Девствени Острови, Панама и Гибралтар. Синот на црногорскиот претседател ја искористил оваа структура за да формира две скриени компании со фирми-ќерки во Лондон и Црна Гора.
Меѓу документите што ги проучуваа истражувачките новинари на МАНС, пронајдени се заверени копии од договорот за собирање средства што Мило и Блажо Ѓукановиќ го склучиле на 21 јуни 2012 година со CM Skye 2 (PTC) Limited, регистриран на Британските Девствени Острови.
Од договорот може да се види дека Ѓукановиќ го формирал Victoria Trust, а неговиот син – Capecastel Trust. Тие поднеле минимален основачки влог и прецизираат дека во фондовите, во кој било момент можат да бидат внесени имоти од самите основачи и од други лица. Фондовите се воспоставени за период од 80 години, а компанијата што управува со нив е овластена да купува и продава недвижен имот и компании во име на Ѓукановиќ, да отвора нови компании и жиро сметки, да дава и зема заеми и да извршува разни други задачи. Дека навистина станува збор за претседателот на Црна Гора и неговиот син покажува и заверената документација што била приложена при формирањето на фондовите – дипломатскиот пасош на Мило Ѓукановиќ и сметката за вода од неговата адреса во Подгорица, која служела како доказ за престој. Неговиот син доставил црногорска лична карта и фактура за изнајмување стан во Лондон, пишува МАНС.
Одговарајќи од Словенија, на наводите на меѓународните истражувачи за случајот „Пандорини документи“, Ѓукановиќ соопшти дека нема ништо ново да каже на темата од тоа што веќе им го кажал на тимот истражувачки новинари и соопштението од неговиот кабинет за оваа, уште една во низата монтирани афери.
Според него, станува збор за „уште една конструкција, уште една исконструирана афера“, која, како што рече, треба да служи за домашни политички потреби.
Тој рече дека спорната регистрирана компанија не отворила ниту банкарска сметка и затоа не можела да стори ништо и била затворена многу брзо по нејзиното формирање.
Според него, ниту тој, ниту неговиот син, никогаш не направиле ништо на штета на државата Црна Гора, за разлика од оние кои, како што рече, „се обидуваат да почнат афера и без аргументи да ме заковаат на столб на срамот“.