Германскиот демохристијанин Манфред Вебер на синоќа одржаниот конгрес во Ротердам со поддршка на 89 отсто од гласовите беше избран за претседател на Еврпоската народна партија, најсилната политичка групација во Европарламентот.
„Ние сме камен-темелник за безбедноста и иднината на Европа“, рече Вебер во обраќањето по објавувањето на резултатите.
„Ние ѝ требаме на Европската унија“, додаде Вебер кој е долгогодишен член на баварската Христијанско-социјална унија.
Новиот партиски лидер смета дека во време на економска криза и војна на границите на ЕУ, Европската народна партија ги нуди најдобрите решенија за европските проблеми.
Тој ги критикуваше Левицата и десните популисти заради нивната погрешна политика кон Русија.
„Во Германија можеме да видиме дека попуштањето е лош пристап, а опозицијата е во право“, рече Вебер додавајќи дека германската Влада предводена од социјалдемократите чиј поранешен претседател Герхард Шредер е близок со Владимир Путин, не зазела тврд став кон Русија.
Истовремено тој ги критикуваше Зелените за спротивставувањето кон вооружување, додека за Левицата дека „сака да го ослабне НАТО“.
За десничарските популисти како оние на Марина Ле Пен, тој рече дека тие се срам за Европската Унија заради, како што рече, потврденото нивно финансирање од руската Влада и поради нивното претходно спротивставување на проширувањето на ЕУ кон исток.
Европската народна партија, како што рече Вебер, е посветена на „иновации, а не на ограничувања“ во борбата против климатските промени и не сака деиндустријализација и економски неефикасни политики.
Европската народна партија (ЕПП) е политичка групација од десниот центар со најбројна пратеничка група во Европскиот парламент, со свои членови за претседатели на Европскиот парламент и на Еврокомисијата.
Вебер е претседател на парламентарната група на ЕПП од 2014 година преземајќи ја функцијата од поранешниот полски премиер Доналд Туск кој реши да се повлече од лидерската позиција на ЕПП откако ја презеде лидерската функција во Граѓанската платформа, најголемата опозициска партија во Полска.
Вебер немаше противкандидати на вчерашниот партиски конгрес иако во медиумите кон крајот на минатата година се шпекулираше и со други кандидатури, меѓу кои грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и ЕУ преговарачот за Брегзит, Мишел Барниер.