Хакерите со години имале пристап до разговорите и пораките на дипломатите на ЕУ, пишува „Њујорк тајмс“.
Како што е наведено, илјадници пораки се пресретнати во кои дипломатите разговараат за голем број теми – од американскиот претседател Доналд Трамп до светската трговија.
Пропустот го открила компанија за кибер-безбедност Ареа 1.
Европските официјални лица велат дека меѓу пораките, кои протекле, не постојат такви кои се означени како доверливи или тајни.
Еден експерт изјави за „Њујорк тајмс“ дека методите на хакерите се слични на оние што ги користи кинеската армија.
-По децении искуство во борбата против кинеските кибер-операции … Нема сомнение дека ова има врска со кинеската влада, вели тој.
Пресретнатите пораки, познати како дипломатски кабли, откриваат размена во која дипломатите го опишуваат јулскиот состанок меѓу Трамп и Путин како „успешен – барем за Путин”.
Во друга порака се објаснува приватната средба меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и европските претставници, од пред неколку месеци.
Како што се наведува Џинпинг рекол дека Кина „нема да се согласи на малтретирање” од Вашингтон, дури и ако трговската војна многу ги повредува.
Тој ги повтори овие зборови за време на говорот во вторникот, кога рече дека „никој не е во позиција да го диктира кинескиот народ што треба или не треба да работи”.
Хакерите дошле до пораки на бројни други институции, вклучувајќи ги и Обединетите нации, за што се информирани сите институции.