За европскиот комесар за економија, Паоло Џентилони, наводниот случај за корупција во корист на Катар во кој се вклучени претставници на Европскиот парламент претставува „сериозна повреда на угледот“ на оваа институција на ЕУ,јави дописникот на МИА.
Во овој случај, белгиски судија ја истражува „исплатата на големи суми пари или нудење значајни подароци на трети лица кои имаат политичка и/или стратешка позиција што овозможува, во рамките на Европскиот парламент, да се влијае на одлуките на оваа институција, потсети во неделата обвинителството.
Шестмина осомничени беа уапсени во петокот во Белгија, меѓу кои и грчката потпретседателка на Европскиот парламент Ева Каили, поранешниот италијански европратеник Пјер-Антонио Панцери и генералниот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC) Лука Висентини, исто така Италијанец. Четворица од шестмината уапсени беа обвинети и беа затворени во неделата, меѓу кои и Ева Каили.
„Тоа е многу сериозна повреда на угледот“ на Европскиот парламент, „срамна и неподнослива афера“, се жалеше Паоло Џентилони за време на програмата на РАИ. „Европскиот парламент отсекогаш бил врв на правата, веројатно не му биле дадени доволно овластувања, но во однос на принципите секогаш бил референтна точка“, подвлече тој. „Ако се потврди дека некој добил пари за да се обиде да влијае на мислењето на Европскиот парламент, мислам дека тоа навистина ќе биде еден од најдраматичните случаи на корупција во последните години“, додаде италијанскиот комесар.
Сопругата и ќерката на Пјер-Антонио Панцери, исто така, беа уапсени во Италија според европската потерница издадена од белгиското обвинителство, осомничени дека знаеле и користеле финансиски или во натура бенефиции што ги добивал поранешниот европратеник. Нив им беше одреден домашен притвор.
Според документите на белгискиот суд што ја придружуваат европската потерница што ја консултираше агенцијата Анса, Пјер-Антонио Панцери е осомничен дека го искористил своето влијание во Европскиот парламент „во корист на Катар и Мароко“.
Аферата изби во текот на Светското првенство во 2022 година, додека земјата организатор мора да вложи напори да ја одбрани својата осудувана репутација за почитување на човековите права, особено оние на работниците. Тоа доаѓа и во пресрет на пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур, каде односот меѓу ЕУ и Катар неизбежно треба повторно да се појави во дебатите, со оглед на дебатата за визната либерализација за граѓаните на оваа земја.