Голем број европски земји предупредија дека е премногу рано да се планираат божиќни патувања, додека случаите на зараза со коронавирус продолжуваат да се зголемуваат низ континентот, објави Би Би Си.
Во Шведска луѓето се информирани да се подготват за евентуални ограничувања на патувањата за време на нивните божиќни одмори, со цел регионалните здравствени служби да избегнат оптоварување.
Шведскиот епидемиолог Андерс Тегнел изјави дека најголемиот дел од новите случаи на Ковид-19 моментно доаѓаат од приватни забави. Забраната за служење алкохол во ноќните клубови и кафулиња по 22 часот треба да почне следниот викенд.
Во меѓувреме, ирските и француските власти сметаат дека е многу рано да се каже дали луѓето можат да организираат патувања.
Шест недели до сезоната на празникот, карантини и други рестриктивни мерки стапија во сила во неколку европски земји.
Португалија значајно го прошири бројот на населени места во кои е воведен полициски час. Од понеделник три четвртини од земјата ќе бидат под најстроги владини ограничувања, наведува Би Би Си.