Неодамнешното француско вето за преговори со Северна Македонија и Албанија крена многу прашина, но ЕУ на крајот го прифати ставот дека политиката на проширување на Балканот треба да се промени, објави РТ Србија.

За политиката, која многумина ја прогласија за мртва пред само еден месец, се води исклучително жива дебата, можеби пожива од кога било во последните 15 години.

Францускиот претседател Макрон налути многумина со тоа што стави вето на преговорите со Скопје и Тирана. Но, без оглед на мотивите, тој успеа во еден – го врати проширувањето во центарот на политичката дебата во ЕУ.

Министрите на ЕУ разговараа за проширувањето двапати во изминатиот месец, при што Европската комисија има задача да излезе со нов предлог на почетокот од следната година. Речиси секојдневно, во „експертската заедница“ се појавуваат анализи за тоа зошто сегашниот модел на проширување е неуспешен и за новите идеи за тоа како треба да изгледа таа политика.

Преовладувачкото гледиште во повеќето анализи е дека сегашната политика не е повеќе кредибилна ниту за земјите членки ниту за земјите кандидатки; не се заснова на постигнатите резултати и заслугите и, најлошо од сè, не е трансформативна, не води до значителни промени во земјите во процес, што треба да биде нејзина примарна цел.

Пречки на секој чекор

Врската помеѓу постигнатите резултати и напредокот кон ЕУ дефинитивно е запрена во случајот со Северна Македонија, вели Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност.

Според Кнаус, сегашниот процес се претворил во „маратон со пречки“ во кој на балканските држави им се кажува дека сè зависи од нив, но тогаш земјите не ја пропуштаат можноста да ги блокираат на секој следен чекор.

– Трката со пречки на 400 метри е олимписка дисциплина, но невозможно е да се трча 42 километри со пречки. Тоа е она во што се претвори пристапниот процес, кога секоја земја членка има право на вето во секое време“, вели Кнаус.

Една од основните поплаки е дека процесот на пристапување во ЕУ не го постигнува она за што беше инициран – не поттикнува промена на подобро.

„Процесот не ги дава резултатите што треба, наместо да нè поддржува во суштинска трансформација преку реформите што водат кон статус на земја членка на ЕУ, се претвори во вежба на штиклирање, како што рече и самиот претседател Макрон, без фундаментално да се смени како нашето општество и нашето демократијата функционираат“, оцени Милена Лазаревиќ од Центарот за европска политика.

Збунувачки предлог

Предлогот на Париз се однесува на пристапување во седум фази, наместо досегашните 35 поглавја, отворање нови фондови уште во текот на преговорите, без да се чека за полноправно членство, со построги услови и можност за реверзибилност, односно да се изгуби предноста ако земјата кандидатка назадува или ја промени политиката.

Срѓан Цвијиќ од Институтот за отворено општество во Брисел смета дека францускиот предлог е „збунувачки“ затоа што нуди учество на земјите кандидати во програмите на ЕУ што веќе ги имаат, како што се „Еразмо плус“ и „Хоризонт 2020“ без истовремено да се осврнат на главните прашања во врска со политиката на проширување.

„Најголем проблем не е методологијата, која сама по себе не е лоша, туку што секоја земја членка, вклучително и Франција, како што видовме во примерот на Македонија и Албанија, може, поради некоја причина, да стави вето и да го блокира заслуженото отворање на преговорите. Доколку имаме систем на вето во преговарачкиот процес, ниту една методологија нема да ја подобри сегашната состојба. Не е проблемот во методологијата, туку во донесувањето одлуки“, вели Цвијиќ.

Бидејќи претседателот Макрон е посветен да донесе одлука со квалификувано мнозинство на ниво на ЕУ, логично е да се залага за вакво нешто во процесот на проширување, рече Цвијиќ, со оценката дека францускиот предлог е површно испишана хартија, за да се испрати порака дека Франција е сепак конструктивен партнер кој нема намера само да блокира.

Отворање фондови

Без оглед на двоумењето за можните мотиви, многу аналитичари наоѓаат добри елементи.

Рано отворање на ЕУ-фондовите веќе заговараа познавачите на процесот, предупредувајќи дека економскиот јаз меѓу Балканот и Европа се зголемува, наместо да се намалува.

Не е логично соседна Бугарија да добива осумпати повеќе од европските фондови од Србија, знаејќи колку очајно регионот има потреба од поголеми ивестиции и стапки на раст, вели поранешниот директор на Европската комисија за Балканот Пјер Мирел.

„Претпристапната помош од ИПА-фондовите не е доволна за да се постигне ова. Затоа јас предложив да се зголеми бројот на грантови за балканските земји со отворање кохезивни и структурни фондови, но на тој начин што тие фондови ќе се поврзат со реформите. Со други зборови, колку повеќе постигнувате, толку повеќе фондови ќе имате на располагање. Колку повеќе ги решавате вашите билатерални проблеми, толку повеќе средства добивате“, вели Мирел.

Поранешниот директор на Европската комисија за Балканот смета дека поради одливот на население од Балканот и зголемувањето на влијанието на кинеските инвестиции и заеми, земјите членки ќе бидат поподготвени од порано да го отворат паричникот, и покрај буџетските проблеми по Брегзит.

Во неодамнешниот авторски напис, Мирел предложи пристапување на балканските земји во две фази: прво влегување во единствениот пазар, а потоа, неколку години подоцна, во зависност од примената на законот, почитување на демократијата, владеењето на правото и решавање на билатералните спорови – би дошло до полноправно членство. Во меѓувреме, би се зголемувал износот на структурните фондови.

Поентата на оваа и сличните идеи за фазно пристапување е да се „дедраматизира” моментот на членство за земјите членки кои се плашат од него и, од друга страна, да понудат конкретни придобивки за граѓаните.

Интеграција на Западен Балкан чекор по чекор, односно сектор по сектор, предлагаат и поранешната шефица на Канцеларијата за придружување Милица Делевиќ и Тена Прелец од Универзитетот во Оксфорд.

„Со интегрирање чекор по чекор поделбата помеѓу членките и нечленките, која во моментов е остра и болна, ќе стане замаглена. Фактот дека пристапувањето е оддалечено со години нема да убива надеж на Балканот, а конечната одлука за членство ќе ја изгуби драматичната моќ за ЕУ.“

Малку политички награди

Милена Лазаревиќ од ЦЕП објаснува дека од моментот на започнување на преговорите до некој иден, но многу далечен момент на членство, процесот нуди малку политички награди.

„Политичарите не можат, во својот кус политички циклус, да го продаваат отворањето поглавја како голем успех. Но, ако ние го организиравме процесот на сегментиран начин, веднаш штом ќе испреговараме одредени поглавја, учествувавме во тие секторски политики и работата на ЕУ, што би значело и пристап до фондови и конкретни права и придобивки за нашите граѓани, вклучително и политичка корист“, рече Лазаревиќ.

Друг проблем на одговора постепениот пристап е застрашувачката перспектива на многу нови членки кои добиваат право на вето во ЕУ.

Влијателниот аналитичар Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност неодамна излезе со предлог за „норвешки модел“ за балканските земји, кој во меѓувреме го преименуваше во „фински“ модел, поради критиката дека со тоа се подразбира замена на целта – полноправно членство на Балканот, слично како Норвешка, која е членка на единствениот пазар, но не и на ЕУ.

Кнаус објаснува дека според француската визија за Европа, приемот на посиромашните земји со несигурни демократии значи слабеење на ЕУ, додека за некои други земји – ЕУ со Балканот е посилна. Овие разлики нема да исчезнат преку ноќ, така што е потребен нов модел што функционира за сите, вклучувајќи ги и балканските земји.

„Тоа е она што го нарековме фински модел, по пример на предлогот што претседателот на Европската комисија, Делор, им го даде на Финска и Шведска во 1989 година – ние ви нудиме фер процес на влегување во единствениот пазар, со слобода на движење за луѓе, стоки, капитал и услуги, но мора да ги исполнуваат сите исти критериуми како за членството. Финска влезе во единствениот пазар во 1994 година – и една година подоцна влезе во ЕУ.“

Кнаус предлага две фази на пристапување наместо седум

Наместо францускиот предлог со седум фази, Кнаус предлага само две фази на пристапување, како во случајот Финска или Австрија – прво влез на единствениот пазар, кој вклучува 90 проценти од законите на ЕУ и сите права.

„Потоа, по неколку години, Франција и другите скептични земји ќе треба да ја преиспитаат ситуацијата, но тогаш ќе имаме многу посилни аргументи дека реформите во Балканот ќе ја зајакнат наместо да ја ослабнат ЕУ. Најважно во овој процес на интеграција на Западен Балкан во единствениот пазар е што нема да биде можна политика на вето, а ќе ги вклучи сите земји од регионот.“

Кнаус тврди дека со овој модел не би биле во загуба Србија и Црна Гора, кои веќе отворија голем број поглавја, затоа што напредокот што тие веќе го постигнале значи дека би можеле побргу да пристапат до единствениот пазар, веројатно пред 2025 година, која беше спомената како можен момент за членство, а сега изгледа целосно нереално.

Ризикот што го гледаат многумина е дека влегувањето во единствен пазар може да биде и максимум за балканските земји, еден вид привилегирано партнерство без полноправно членство.

„Мора да биде јасно од почеток дека тоа не смее да биде замена за членство. За мене, тоа треба да биде само првиот чекор. Вториот и завршен чекор треба да биде полноправно членство. Тоа е ветување дадено пред речиси 20 години и мора да да се одржи“, вели поранешниот директор на Европската комисија Пјер Мирел.

Дваесет години по самитот во Загреб и шеснаесет години по самитот во Солун, дали некој навистина може да гарантира исполнување на старото ветување?