На ниво на ЕУ, во 2022 година, 52 отсто од луѓето изјавиле дека користат интернет за да бараат здравствени информации, при што 33 проценти рекле дека го користеле за да закажат состанок со лекар преку веб-локација, 24 проценти пристапиле до личните здравствени досиеја на интернет, а 18 отсто за пристап до други здравствени услуги преку веб-страница или апликација наместо да мора да одат во болница или да посетат лекар. Ова се податоците кои денеска ги објави европската статистичка служба Евростат.

Кога станува збор за користење на интернет за барање здравствени информации, на прво место е Финска, по која следуваат Холандија (78 отсто) и Кипар (73 проценти). Спротивно на тоа, Романија (29 отсто), Германија (37 проценти) и Бугарија (39 проценти) имаа најмал удел на луѓе кои користат интернет за оваа цел.

Што се однесува до користењето на интернетот за пристап до личните здравствени досиеја преку Интернет, Данска има втор најголем удел на луѓе (66 проценти) по Финска, а следена од Естонија (59 отсто). Германија беше земја-членка со најмал удел на луѓе кои пристапувале на интернет за здравствени досиеја со само 2 прценти, потоа Романија (8 отсто) и Словачка (14 проценти).