Во текот на 2017 во земјите на Европската Унија биле одобрени 3,1 милион први дозволи за престој за граѓани од трети земји, објави денеска Евростат. Ова претставува зголемување од четири отсто во споредба со 2016 година.
Прва причина за добивање легален престој во ЕУ е работата, а највисока стапка на одобрување имаат украинските граѓани, по нив се веднаш сириските, стои во извештајот.
Освен работата, основи за добиена дозвола за престој се студиите, семејните причини и бегалскиот статус.
Украинците највеќе добиваат легален престој во Полска (88 отсто) врз основа на договори за работа. Голем број други источни земји исто така доделиле дозволи за престој на овие граѓани, како Естонија, Литванија или Словачка.
Веднаш по Украинците следат Сиријците од кои 71 отсто добиле легален престој во земја на ЕУ врз основа на бегалски статус и азил, најчесто во Германија, Луксембург, Белгија, Холандија, Австрија и други западни земји.
На трето место се Кинезите кои највеќе се сместуваат во земја на ЕУ поради студирање. По нив следат Индија и САД. Мароканците, Бразилците и Турците се во топ десет националности со одобрен легален престој од семејни причини, а Авганистанците и Ирачаните врз основа на белгалски статус.
Што се однесува до балканскиот регион, во Грција и Италија, Албанците имаат највисока стапка на одобрен престој. Турците имаат најголеми шанси во Бугарија, додека Босанците се први на список во Хрватска. Србите, пак, се првата националност со одобрен престој во Малта во 2017 година.
Полска е земја во која највеќе е добиен престој врз основа на договор за работа, Обединетото Кралство поради студии. Германија, Шпанија, и Италија од семејни причини. Германија е предводник и по бројот на одобрен престој врз основа на барање за азил.
– Зголемувањето на целокупниот број на први дозволи за престој во 2017 во споредба со 2016 пред сѐ се должи на зголемениот број одобрени први дозволи за работа, од семејни причини, поради студии, додека бројот на први дозволи доделени за други причини (азил, нз) е намален за 14 отсто, анализира Евростат.