По околу двочасовна блокада, граничниот премин Евзони за влез и излез од Грција, повторно е отворен, но не е исклучена можноста, како и во изминатите два дена, така и попладнево одново да биде затворен на неколку часа, јави дописничката на МИА од Атина.
На грчката страна од границата кон нашата земја, паркирани се околу 150 трактори и земјоделски возила.
Како што претходно објави МИА, земјоделците од северниот дел на Грција, од регионот на Пеонија, кусо по 12 часот по локално време повторно го затворија граничниот премин Евзони кон нашата земја, со што е целосно беше во прекин сообраќајот за сите возила како за излез од Грција, така и за влез во земјата.
Пракса на земјоделците, како и во изминатите години за време на нивните протести, е да не ги најавуваат блокадите, со оглед на тоа што тракторите и земјоделските возила се паркирани на преминот и остануваат таму, а на секојдневни состаноци, надлежните земјоделски комисии одлучуваат кога и на колку време ќе блокираат.
Земјоделците низ цела Грција имаат поставено блокади, претпладнево се обидоа да стигнат и до граничниот премин Промахонас со Бугарија, каде што успеаја да ја заобиколат полициската блокада.
Во областа Еврос во североисточна Грција на граничниот премин Кипи кон Турција паркирани се околу 200 трактори и затворен е сообраќајот за камиони.
Над 4.000 трактори се вклучени во блокадите во поширокиот регион на областа Тесалија, а на неколку места е затворен автопатот Солун-Атина.
Грчките земјоделци, протестите ги започнаа во неделата, најавија постепено интензивирање до 5 декември, а засега нема информации до кога ќе траат.




