Кинескиот амбасадор во ЕУ, Жанг Минг, во интервју за Фајненшл Тајмс, одговара на европските обиди за ограничување на кинескиот пристап до 5Г мрежата во Европа.

Земјите и институциите на ЕУ повеќе пати изразија загриженост за безбедносната на европските инфраструктури доколку се даде преголем пристап на странски компании до градењето и користењето на 5Г мрежата. Во фокусот на ЕУ е посебно Хуавеи, лидер на пазарот, со оглед на тоа дека станува збор за државна кинеска компанија.

Кинескиот амбасадор во интервјуто предупредува дека доколку ЕУ го ограничи пристапот за странски фирми и посебно кинескиот, можни се напади од “сомнителни“ кинески претприемачи.

Идниот месец, Европската Комисија треба да објави листа препораки за земјите членки на ЕУ за тоа како да се зајакне безбедноста и механизмите на проверка на 5Г компаниите.

Доколку ЕУ не промовира “меѓународна соработка и слободен пазар“, тоа може за неа да биде “катастрофално“ предупредува Жанг Минг.

-Се надевам дека ЕУ ќе се држи до своите принципи на мултилатерализам и слободна трговија како и принципите на отвореност, еднаквост, правда и недискриминација, вели тој во разговорот.

Амбасадорот изразува загриженост и за предлозите на одредени земји членки на ЕУ да се воведе европски данок врз увозот на производи кои доаѓаат од земји со слаби закони за заштита на животната средина, данок кој силно би ги погодил кинеските производи.

Амбасадорот во интервјуто вели дека постои сомнеж дали ваквата такса би била во согласност со правилата на Светската трговска организација.