Доколку Црна Гора сака да го почитува владеењето на правото и да излезе од политичката и институционалната криза, првиот чекор е комплетирање на Уставниот суд, порача министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон.

„Во спротивно, легитимитетот на претседателските избори е доведен во прашање“, додаде таа за ТВЦГ.

Според неа, Европската унија не сака да и сврти грб на Црна Гора, Западен Балкан е дел од Европа, но пред изборот на судии, „политичарите мора да покажат дека се одговорни“.

„Ако се изберат еден или двајца судии, тоа нема да биде најдобра порака, но судот ќе биде функционален. Одговорноста на политичарите е да излезат од овој формат ‘кој ќе биде кој’, но да создадат функционален и независен суд. Има 27 кандидати, што е одлично бидејќи има поголем број од претходните кругови и сигурна сум дека има доволно експерти за да се изберат четворица судии“, рече Фајон.

Таа истакна дека политичарите во Црна Гора имаат голема одговорност пред се кон граѓаните.

„Не сум сигурна дека ЕУ сега би ги прекинала преговорите, тоа е само една од можностите“, рече словенечката министерка.

На прашањето што би значело евентуалното прекинување на преговорите со Европската унија за Црна Гора, Фајон одговори дека таа сигурно не е некој што сака ЕУ да и сврти грб на Црна Гора.

„Можеби вртењето грб би им одговарало на некои партии, но не и на 70 отсто од граѓаните. Не сме во ситуација Европската унија да ги прекине преговорите, тоа е само една можност. Црна Гора добива разни фондови, ние сакаме да и помагаме на Црна Гора, но во последните седум-осум години нема напредок и тоа е нешто што не загрижува“, рече таа.

Фајон посочи дека речиси сите во ЕУ се едногласни кога е во прашање политичката и институционалната криза во Црна Гора.

„Доколку сакаме да дојдеме во ситуација да можеме да разговараме како да одиме напред, потребна ни е согласност. Доаѓам во Црна Гора за да направиме одреден напредок, за Европската унија да не го сврти грбот, односно Црна Гора не скршнува од патот“, изјави Фајон.