Американската компанија „Фајзер“, која во соработка со германската лабораторија „БиоНТек“ ја осмисли вакцината против Ковид-19, денеска го претстави планот што треба да овозможи најавеното доцнење на испораките на вакцини да се ограничи само на една недела, пренесува СЕЕбиз.
Во заедничката изјава на двете компании се наведува дека „Фајзер“ и „БиоНТек“ развиле план што ќе им овозможи да ги зголемат производните капацитети за Европа, како и да испорачаат значително поголем број дози од вакцината во вториот квартал од годината.
Земјите од ЕУ, кои ја нарачаа вакцината на „Фајзер“/„БиоНТек“ стравуваат дека испораките на дозите може да пристигнат со задоцнување од „три до четири недели“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера во Лисабон изјави дека „Фајзер“ ја уверил дека навреме ќе ги испорача закажаните дози за првиот квартал.
-Разговарав со претседателот на одборот на „Фајзер“, кој ми потврди дека ќе има одложување во испораката, но, исто така, и дека ќе го добиеме планираниот износ на дози во првиот квартал, рече таа.
„Фајзер“ соопшти дека „почнувајќи од 25 јануари, ќе се врати на оригиналниот распоред на испораки за земјите од ЕУ, а од 15 февруари ќе ги зголемат испораките“.
„За да го реализираме ова, треба да направиме одредени промени во производствениот процес“, се наведува во соопштението на американската компанија.