Сите велат, фала богу денес е петок, затоа што почнува викендот, ама што ако петок падне на 13-ти? Суеверни или не, овој ден со векови се провлекува во историјата.
Петок 13. е тема за многу хорор филмови, и за чудо уште е неисцрпна, се снимаат нови и нови верзии на истата тема. Зошто тој страв? Од каде тоа верување дека на петок 13. не треба ни да се излегува од дома?
Историчарите немаат некое издржано тврдење од каде доаѓа ова суеверие, или кај некои и верување. Многумина веруваат дека тоа потекнува од прочуената слика на Да Винчи „Тајната вечера“ (која библиски и историски воопшто не е тајна, туку е свечена, Пасхална вечера). На неа има 13 гости кои седат на маса во петок, ден пред Исусовото распнување, а Јуда, кој се смета за предавникот, е 13-тата личност на масата.
Тоа што почнало како христијанско толкување успеа да се лансира како феномен во Америка. Луѓето избегнувале, а и уште така се однесуваат, да престојуваат во хотелска соба со бројот 13, не седат во 13 ред, не летаат ако добијат седиште во авион кое е во 13 ред, не одат на 13 кат….
Постојат и теории дека овој „баксузен ден“ станал предзнак на лоша среќа.
-Многумина се обидуваат да го објаснат необјаснивото – вели професорот од Универзитетот во Пенсилванија, Сајмон Бронер.
Според него, петок 13. е фина одредница за оние луѓе кои бараат причина во својата несреќа.
Но, овој број во некои земји се смета за среќен, а една од тие земји е Италија. Меѓутоа Италијаните се плашат од баксузната 17-ка.
-Можеби има вистина во најпознатата теорија за „Тајната вечера“, но проблемот е во тоа што не може да се поврзе со некои модерни верувања. Психолозите стравот од овој ден често го третираат како вистински, стварен – вели Бронер.
Бројот 13 има големо влијание кај Викинзите. Се смета дека богот Локи во Пантеонот бил тринаесеттиот бог. Подоцна во христијанството ова е преведено во Сатана, 13-тиот ангел.
Интересно, но во Месопотамија, на пример, во Законот на Хамураби го нема бројот 13 во листата на правила. Во Формула1 нема болид со бројот 13. Тој број е остранет откако двајца возачи загинаа во несреќи возејќи автомобли со бројот 13.
Во холандскиот град Утрехт на железничката станица не постои перон бр. 13.
Во нумерологијата бројот 12 се гледа како целина:12 богови на Олимп, 12 израелски племиња, 12 апостоли, 12 наследници на Мухамед во шиитскиот ислам.
Се над 12 се смета за нецелосно, барем според нумеролозите.