Водечкиот американски имунолог Ентони Фаучи предвидува дека бројот на смртни случаи од ковид ќе започне да опаѓа оваа зима, по зголемениот број случаи во САД поради појавата на делта сојот.

Во интервју за американски медиум, кое ќе биде објавено подоцна денеска, шефот на медицинскиот советодавен тим на Белата куќа беше прашан дали ќе има уште еден бран на инфекција оваа зима, објави весникот „Хил“.

“За среќа, во моментов, поточно во претходните четири недели, забележавме пад на зголемувањето на бројот на заразени и хоспитализации. Сепак, бројот на смртни случаи е висок, но кривата почнува да се срамнува”, вели Фаучи.

Тој додаде дека не верува оти ќе види пад на смртните случаи, како што забележал пад на бројот на хоспитализирани.

„Колку брзо ќе падне бројот на починати ќе зависи од многу околности, како што е постуденото време, тоа што луѓето работат во затворени простории“, рече Фаучи, пренесува „Њујорк пост“.

Фаучи апелираше до Американците да носат маски на преполни места, дури и ако се вакцинирани и се на отворено. Американските центри за контрола и превенција на болести соопштија дека бројот на жртвите се намалил од просекот од 1.767 дневно на 15 септември на 1.418 на 7 октомври.

Соединетите држави неодамна надминаа 700.000 починати од ковид.