Водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи ги повика Американците кои имаат намера да патуваат за време на празниците да добијат дополнителна (бустер) доза вакцина.

„Лесно преносливиот вид омикрон беснее низ светот, а патувањата ќе го зголемат ризикот од инфекција дури и кај вакцинираните“, изјави Фаучи.

Тој посочи дека нема сомнеж дека вирусот ќе се шири и дека сојот омикрон најверојатно ќе го надмине видот делта како доминантна варијанта во САД.

Од почетокот на месецот, и случаите на коронавирус и смртните случаи во САД се зголемени за околу 50 отсто, а бројот на хоспитализирани пациенти со Ковид е зголемен за 26 отсто.

Претседателот Џозеф Бајден планира да одржи прес-конференција во вторник, на која ќе се фокусира на новиот вид на корона вирусот кој брзо се шири, како и на плановите за борба против него.

Дел од планот на Бајден е да се фокусира на зголемено тестирање, рече Фаучи.

„Мораме да работиме подобро. Мораме да имаме достапни тестови за секој што сака да се тестира“, рече Фаучи.

Видот Омикрон на корона вирусот досега е потврден во 43 од 50 американски држави и околу 90 земји откако за прв пат беше откриен во Јужна Африка и Хонг Конг кон крајот на ноември.