Првите охрабрувачки знаци доаѓаат во однос на сериозноста на инфекција што ја предизвикува варијантата омикрон. Првите „малку охрабрувачки сигнали“ доаѓаат од Јужноафриканската Република, каде се појави новиот сој, изјави денеска советникот на Белата куќа и водечки американски експерт за заразни болести д-р Ентони Фаучи, предупредувајќи дека ова се само прелиминарни податоци.

„Јасно е дека омикрон се шири во Јужноафриканската Република“, рече тој во интервју за Си-Ен-Ен, алудирајќи на „вертикалната“ крива поврзана со бројот на нови случаи на инфекција во таа земја.

„Но, засега, иако е премногу рано да се извлечат какви било цврсти заклучоци, се чини дека омикрон не е на високо ниво на загриженост кога станува збор за болеста. Засега, знаците за сериозноста на болеста се донекаде охрабрувачки, повтори Фаучи.

Сепак, здравствените експерти во последните денови истакнаа дека населението во Јужноафриканската Република е многу младо и дека посериозни случаи на болеста може да се очекуваат дури во наредните недели.

Во тек се лабораториски студии за да се утврди дали и до кој степен е пренослива новата варијанта на корона вирусот, како и до кој степен може да го заобиколи имунитетот стекнат по првата инфекција или вакцинација и дали може да предизвика потешки форми на болеста.

„Мислам дека постои реален ризик вакцините да станат помалку ефикасни“, изјави Стивен Хоџ, директор на Модерна, за ABC во неделата.

„Единствено што не знам во моментов е до кој степен ќе се намали таа ефикасност. Дали ќе биде како во случајот со Делта, варијанта на коронавирусот против кој вакцините останаа ефикасни или намалувањето ќе биде 50 проценти, што би значело дека треба да ги надградиме“, рече тој.