Ковид-кризата ги погоди и занаетчиите. Најпогодени се оние поврзани со туризмот како и дефицитарните занаети-занаетите во изумирање. Поддршка од државата преку антикризните мерки добиваат. Опфаени се и во досегашните мерки, а очекуваат дополнителна помош и при донесување на следен ковид-5 пакет.
Ова го истакнува во интервју за МИА претседателот на Занаетчиската комора на Куманово и претседател на Занаетчиската комора на Македонија Агрон Фазлији, кој говори и за изумирањето на некои занаети, и начинот како да добијат поддршка.
Министерството за економија го објави јавниот повик за кофинансирање на трошоци на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност со кој се покриваат до 60 отсто од докажаните трошоци за набавка на алати и репроматеријали во 2020 година, но не повеќе од 60.000 денари. Кој има право на учество на повикот? Кој е крајниот рок за апликација на овој повик?
Право на учество на јавниот повик објавен од Министерството за економија имаат сите занаетчии и вршители на занаетчиска дејност коишто поседуваат занаетчиска дозвола, односно коишто извршиле усогласување со Законот за занаетчиство. Потребните формулари се достапни на веб-страницата на Министерството за економија и мора да истакнеме дека ќе се поддржат оние кои први аплицираат, односно ќе се работи по принципот – прв дојден-прв услужен.
Колку занаетчии аплицираа за четвртиот сет мерки и што за нив е обезбедено што ќе користат, субвенции за плати, поддршка за набавка на репроматеријали?
Според наши податоци, неофицијални имаме информација дека 90 проценти од занаетчиите аплицираа за парична помош од 17.400 ден за паушално оданочените занаетчии, а за фискализираните занаетчии висината на помошта зависи од прикажаната загуба во текот на ковид-кризата.
Од почетокот на ширењето на пандемијата, занаетчиите беа навистина погодени како сектор, дали користеа субвенции за плати и придонеси?
На почетокот на кризата сите занаетчии коишто аплицираа добија парична помош од 14.500 за април, мај и јуни, а, исто така, бевме ослободени од персонален данок за март, април, мај, јуни и јули. Најпогодени во кризата се оние занаети кој најповеќе се поврзани со туризмот како и дефицитарните занаети-занаетите во изумирање.
Дали размислувате да барате дополнителна помош за занаетчиите?
За дополнителни барања со Владата ќе разговараме при донесување на Ковид 5 пакетот од јануари, идната година , но се надевам дека ќе почне да се стабилизира ситуацијата, па да не мораме да сме на товар на државата.
Неодамна, потпишавте Меморандум за соработка со Сојузот на стопански комори, што е предвидено со него?
Со меморандумот за соработка со Сојузот на стопански комори, предвидено е преку проекти да се организираат работилници, пред сè за старите занаети како и заеднички настап пред владините институции, со цел развој на стопанството и занаетчиството како дел од него.
Дел од занаетите се во изумирање, дали разговарате со надлежните министерства за нова дополнителна поддршка?
За занаетите во изумирање подготвуваме посебен закон за субвенционирање на занаетчиите, со кој овие занаети би добиле посебни олеснување.
Последниве десетина години државата се соочува со одлив на стручни кадри занаетчии, веќе нема бравари, водоводџии, електричари. Кои се размислувањата на комората и кои се предлозите до стручните да се задржат овие кадри во државата?
Како што кажав претходно со нашиот предлог на Закон за субвенционирање на занаетчиите, сигурен сум дека нема да има одлив на стручен кадар во странство.
Колку занаетчии има регистрирано?
Бидејќи сите занаетчии не се усогласени со новиот закон за занаетчиство, во моментов претпоставувам дека има пет-шест илјади занаетчии.
Колку од нив ги затворија фирмите и колку вработени се отпуштени, поради пандемијата?
Точната бројка на затворени занаетчиски фирми ќе ја имаме на крајот од оваа година кога сите 15 регионални комори ќе поднесат извештај до републичката комора.
Алексадра Максимовска за МИА