Меѓу десетиците уапсени лица во истрага на ФБИ за нелегално спортско обложување и покер игри поврзани со мафијата се играчи и тренер од НБА лигата. Играчот на Мајами Хит Тери Розиер и тренерот на Портланд Чонси Билапс се обвинети во две одделни обвиненија, но и двајцата го негираат обвинението. Меѓу уапсените е и Дејмон Џонс (поранешен играч). За сите се води истрага за нелегално обложување со врски со криминалните семејства Ла Коза Ностра.

Играчот Розиер е меѓу шесте лица уапсени за неправилности во обложувањето, додека Чонси Билапс, кој е воедно и дел од Куќата на славните е обвинет за нелегални покер игри, каде биле вклучени и други поранешни играчи и дел од мафијата.

За случаите со соопштение се јави и НБА лигата дека Розиер и Билапс, се привремено суспендирани, додека се разгледуваат обвиненијата од ФБИ.

Ги сфаќаме овие обвинувања со најголема сериозност, а интегритетот на нашата игра останува наш врвен приоритет“, се вели во соопштението.

Адвокатот на Розиер го негираше обвинението велејќи: „Тери не е коцкар, но не се плаши од борба и со нетрпение очекува да ја добие оваа борба“. Тој се појави на федералниот суд во Орландо, Флорида, во четврток и беше ослободен со кауција. Билапс, кој е тренер на Портланд Треил Блејзерс од 2021 година, беше уапсен во Портланд, Орегон, и беше изведен пред суд во четврток, според локалните медиуми. Се очекува тој да подготви и значителна кауција за неговото ослободување.

Неговиот адвокат Крис Хејвуд исто така ги негираше обвинувањата: „Тој ќе се бори против овие обвинувања со истата упорност што ја одбележа неговата 28-годишна кариера. Со нетрпение го очекуваме нашиот ден на суд.“

Директорот на ФБИ, Кеш Пател, ги нарече апсењата „вонредни“ и рече дека имало „координирана акција во 11 држави“.

Обвинителите рекоа дека првиот случај вклучува играчи и соработници кои наводно користеле информации што не се достапни за јавноста за манипулирање со облози на големи платформи за коцкање.

Седум НБА натпревари помеѓу февруари 2023 и март 2024 година се идентификувани како дел од случајот. Се вели дека Розиер бил вмешан во еден натпревар помеѓу Шарлот Хорнетс и Њу Орлеанс Пеликанс, кога играл за Шарлот Хорнетс. Се тврди дека Розиер му кажал на пријател дека ќе го заврши натпреварот порано поради повреда. Пријателот и неговите соработници потоа се обложувале. Тој играл „само“ девет минути што резултирало со десетици илјади долари профит од обложување за вклучените лица. Розиер постигнал само пет поени, а причината за напуштањето на теренот била повреда на десното стопало, според НБА извештајот. Пред тој натпревар Розиер имал просек од 35 минути игра и 21 поен по натпревар.

Се тврди дека Билапс и Џонс свесно учествувале во наместени покер игри, додека од Розиер и Џонс наводно протекувале информации за НБА натпреварите со цел блиски до нив да имаат облози со добивка