Американските власти соопштија дека две импровизирани бомби биле пронајдени пред седиштата на Републиканската и Демократската партија непосредно пред упадот на приврзаниците на тогашниот претседател Доналд Трамп во Конгресот на САД, оставени еден ден претходно.
Федералното истражно биро (ФБИ) соопшти дека истрагата открила нови информации, вклучувајќи го и податокот дека експлозивни направи биле оставени пред седиштата на Републиканската и Демократската партија на 5 јануари вечерта, меѓу 19,30 и 20,30 часот, еден ден пред немирите во Вашингтон, во кои загинаа пет лица. Припадници на безбедносните сили ги пронашле бомбите дури следниот ден.
Засега не е јасно дали тоа значи дека бомбите не се поврзани со инцидентите на 6 јануари или намерно ги поставиле оние кои планирале бунт на денот кога Конгресот одлучуваше за верификување на победата на демократскиот кандидат Џо Бајден на претседателските избори.
За податоци во врска со тој случај властите ја зголемија наградата на 100.000 долари.
Истражните органи повеќе недели се загрижени поради евентуални нови напади во Вашингтон откако Бајден ја презеде претседателската функција на 20 јануари.
Американското Министерство за безбедност во средата издаде итно предупредување за опасност од евентуален домашен тероризам, односно насилство од страна на противниците на администрацијата на Бајден.