Федералното истражно биро на САД (ФБИ) соопшти дека спречило потенцијален терористички напад за кој се тврди дека бил планиран за новогодишната ноќ во државата Северна Каролина, јавува ДПА.

Осумнаесетгодишник имал намера да нападне луѓе со ножеви и чекани во супермаркет и ресторан за брза храна во градот Минт Хил, изјави денеска обвинителот Рас Фергусон од Западниот округ на Северна Каролина.

Според прелиминарните наоди, момчето, кое било уапсено, инаку американски државјанин, дејствувало само, пренесува германската агенција.

Осомничениот ја изразил својата лојалност кон таканаречената Исламска држава (ИД) и признал дека сакал да убива Американци на почетокот на годината, изјави специјалниот агент на ФБИ, Џејмс Барнакл помладиот.

Белешките пронајдени кај момчето сугерираат дека тој ги таргетирал Евреите, христијаните и луѓето од ЛГБТК+ заедницата, вклучувајќи лезбејки, гејови и трансродови лица.

Осомничениот, во времето кога сè уште бил тинејџер, пред неколку години бил радикализиран преку социјалните медиуми, а во декември станал полнолетен.

Според американската државна обвинителка Пам Бонди, ФБИ, исто така, кон средината на декември спречи терористички напади планирани за новогодишната ноќ во Калифорнија. Бонди тогаш изјави дека нападите биле планирани во Лос Анџелес и блискиот округ Оринџ Каунти во оваа американска држава, потсетува ДПА.

Таа тврдеше дека левичарска екстремистичка, пропалестинска, антивладина и антикапиталистичка група подготвила серија бомбашки напади врз различни цели во Калифорнија.