Федерацијата на потрошувачи на Грција најави бојкот на млечните производи од 13 до 20 февруари 2023 година, како реакција на високите цени на пазарот на храна, јави државната телевизија ЕРТ. Од федерацијата ги повикаа потрошувачите да ги бојкотираат млечните производи една недела со цел – намалување на цените. Министерот за развој и инвестиции Адонис Георгиадис минатиот петок за телевизискиот канал АНТ1 потврди дека „всушност, цената на млекото за производителот годинава е највисока во изминатите 25 години“.

Тој објасни дека на почетокот на инфлаторната криза во Грција и во Европа, производството паднало, но побарувачката останала иста. „Многу фармери избраа да ги колат животните наместо да го одржуваат производството на млеко, бидејќи трошоците премногу се зголемија и ќе ги одведат во банкрот“, објасни Адонис Георгиадис.

Од друга страна, претседателот на Федерацијата на потрошувачи во Грција, Јоргос Лехуритис изјави дека производ со почетна вредност од 20 центи не може „да стигне на пазарот по цена од 1,80 евра“ и изрази мислење дека зад ваквите појави има е „валкана добивка“.