Федералните резерви на САД се очекува утре повторно да ги зголемат каматните стапки во обид на „оладување“ на економијата на земјата и справување со растечката инфлација.
Набљудувачите велат дека Централната банка најверојатно ќе објави за три четвртини од еден процентен поен зголемени каматните стапки.
Очекуваното зголемување на стапките би било слично на она од минатиот месец – најголемо во речиси три децении со оглед на тоа што инфлација во САД се искачи за 8.6 отсто на годишно ниво, највисоко во изминатите 40 години.
Со повлекувањето на глобалната пандемија на Ковид-19, економијата на САД забележа зголемена побарувачка на стоки и услуги од страна на потрошувачите. Зголемената побарувачка, поттикната од субвенциите во готовина давани од владата за време на пандемијата, но и прекинот на синиџирот за испораки поради нарушена логистика, доведе до зголемување на цената на најчесто користените стоки, како што се бензинот, храната и облеката, како и цените на новите и половни автомобилит, но и апаратите за домаќинство и мебелот.
Во меѓувреме, поради работата од далеку и работа од дома, но и миграција на населението од големите центри во предградијата и помалите места, посебно посакувани дестинации се уште се на пример Флорида и Тексас, рекордно пораснаа и цените на станбените недвижности, домовите, кондоминиумите и апартманите во САД.
Одлуката на Федералните резерви за зголемување на каматната стапка што ја плаќаат потрошувачите за да земаат кредити, води кон поскапи заеми кај банките, а со тоа и намалување на побарувачката, на пример на недвижности, а ова може да помогне во стабилизација на цените, и да ја врати инфлацијата до посакуваната стапка на Централната банка од два отсто годишно.
Сепак, шансите за тоа засега се мали, бидејќи набљудувачите очекуваат Бруто домашниот производ да биде негативен и овој квартал, со што фактички, по два квартали по ред негативен БДП, економијата обично се смета дека е во рецесија.
Сите три главни американски берзански индекси во вторникот затворија со пад откако гигантот Волмарт ја намали процената за профит и предупреди дека зголемените цени на храната и бензинот ги поттикнуваат потрошувачите да го намалат купувањето на поскапите стоки од електроника и облека. Индексите не пораснаа и по отварањето на берзите денеска.